Прекината денешната седница на советот на општина Дебрца на која требаше да се расправа по иницијативата на градоначалникот Игор Трајкоски за распишување референдум на кој жителите треба да се изјаснат за планот за изградба на регионална депонија во атарот на селото Годивје.
Според претседателот на советот, Даниел Огненоски, советниците наместо да водат грижа за интересите на жителите, особено сега кога во прашање е ставена иднината на еколошки чиста општина, тие почнуваат предизборна кампања.
– Советниците на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ уште пред да почне седницата отворија жестока расправа со меѓусебни обвинувања околу редоследот на точките на дневен ред, што сметам дека е несериозно. Откако не можеа меѓусебно да се договорат, советниците од СДСМ, деловнички побараа пауза од 10 минути, а потоа, воопшто не се вратија во салата за седница. Поради тоа, бев принуден да ја прекинам вонредната седница која повторно ќе биде закажана деновиве, изјави Огненоски.
Градоначалникот на Дебрца, Игор Трајкоски, изрази жалење за ваквиот тек на настаните.
– Советниците од СДСМ ја напуштија седницата со што беше оневозможена поддршката на одлуката за референдум каде што жителите ќе го искажат своето мислење по ова прашање и ќе добиевме највисок правен акт за спречување на изградбата на регионалната депонија, нагласи Трајкоски.
При тоа, градоначалникот тврди дека во текот на изминатиот период е изложен на постојани навреди, клевети и лаги во однос на донесување на одлуката за изградба на депонија.
– Ваквиот начин на клевета беше исцениран преку најразлични содржини на партиски соопштенија, што пак доведоја до потпалување на масата. Тоа кулминираше со упатување на смртни закани по мојот живот и тоа пред очите на пошироката јавност од личности кои се припадници или симпатизери на СДСМ. За ваквите смртни закани постојат голем број на очевидци, како и видео материјал, рече Трајкоски.
Трајкоски го достави дописот до МЖСПП во кој, како градоначалник кажува дека на територијата на Општина Дебрца нема соодветна локација за изградба на депонија. Според него, тоа е доказ дека како досега така и во иднина, ќе ги застапува интересите на жителите на Дебрца.
OhridNews












