Познатата турска сценаристка на серијата „Величествениот султан“, Мерал Окај почина во понеделникот во Истанбул, па снимањето на серијата е прекинато, пренесува „Макфакс“.

Сценаристката вчера била погребана во Истанбул во присуство на голем број познати личности кои дошле да и’ оддадат почит, како и во присуство на државниот врв.

Продуцентите објавија дека снимнањето се прекинува на неопределено време, а неизвесно е и дали некогаш ќе биде продолжено, првенствено бидејќи не постои сценарио, но и поради стресот на главните актери поради смртта на сценаристката.

Окај починала рано утрото на 9-ти април во својот дом во Истанбул, од рак на белите дробови. По веста за смртта на сценаристката која била посебно ценета како познавач на турската историја и приликите во дворот, во нејзината куќа побрзале бројни колеги, пријатели и почитувачи, меѓу кои и Халит Ергенч, актерот кој го глуми Султанот Сулејман.

Со тешката болест Мерал се борела од средината на минатата година. Авторката на серијата е родена на 20 септември 1959 година во Анкара како Мерал Кати, второ дете во семејство од черкеско потекло.

OhridNews
извор:„Макфакс“