Весели, разиграни, синхронизирани како вистински професионалци, најмладите охриѓанчиња од големите групи од охридската градинка „Јасна Ристеска“, вчеравечер, заслужено ги добија силните аплаузи од бројната публика во Центарот за култура каде се одбележа патрониот празник на градинката.

Големата сала на Центарот за култура беше претесна да ги прими сите кои сакаа да го проследат настапот на децата кои одлично ги изведоа точките за кои се подготвуваа во своите матични објекти во текот на изминатите денови.

Особено за поздрав е, за прв пат реализираниот, заеднички настап на дечињата од големата група од објектот „Билјана“ со врсниците од објектот во Пештани кои под будното око на воспитувачкиот тим составен од Силвана Лангоска и Анета Топаловска од објект „Билјана“ и Аспасија Палоска и Љиљана Танеска од објект Пештани, соработуваа и се подготвуваа изминатиот период што резултираше со одличниот вчерашен настап на сцената на Центарот за култура играјќи на песна од познатиот цртан филм од Дизни, „Кралот лав“.

  • Прекрасно соработувавме со колегите од објектот во Пештани и децата кои добро се вклопија во изведбата и уште еднаш се покажа дека тимската работа секогаш дава одлични резултати, вели воспитувач Силвана Лангоска од објектот „Билјана“.

Заеднички настап годинава имаа и албанската, македонската и турската голема група од објектот „Росица“ водени од воспитувачкиот тим: Весна Јорданоска, Атиџе Шемшедини, Филис Муфти Ариф, Весна Павловска, Нуртен Пател и Миведет Каљеци, што секако е прекрасен потег заслужен за поздрав.

Родителите упатуваат голема благодарност до одговорните воспитувачи на групите, меѓу кои и: Катерина Крстеска, Менче Патчев, Весна Довлева, Весе Блажеска од централен објект, Ефимија Маркоска, Васе Чакрова Николоска, Марија Зенгоска, Марија Николоска од објект „Лихнида“, Билјана Велјаноска, Славица Сандреска, Ирена Ническа, Дијана Трајаноска од објект „Развигорче“, Кита Алтаноска и Сузана Маркоска објект Лескоец, Наташа Шајноска и Билјана Јоноска од објект „Радојца Новичиќ“, Олгица Латкоска и Билјана Меческа од објект „Велгошти“, кои напорно работеа со децата во изминатиот период со цел вчерашниот настап да помине беспрекорно.

Фото галерија:

Тања Кувенџиска

Фото: Мега Продукција