Еден од најбараните виолончелисти на денешницата, Даниел Милер-Шот од Германија, вчеравечер беше дел од концертната програма на фестивалот Охридско лето“ изведувајќи дела од композиторот Јохан Себастијан Бах.

Настапот на „Охридско лето“ значи многу за мене. Првпат сум во Охрид, вторпат во Македонија. Во Охрид преубава е природата, но и луѓето се извонредни, така што едвај чекав да ги споделам звуците на виолончелото со публиката, рече виолончелистот Милер-Шот.
Неговиот репертоар вклучува бројни дела од барокот, па сè до новосоздадени современи дела. Особено е посветен на проширувањето на репертоарот за виолончело преку сопствени аранжмани и преку соработки со современи композитори. Честопати сам ги претставува концертите и ги пишува текстовите за неговите бројни ЦД-а.

Почестен сум што неколку композитори сакале да напишат дела за мене и за мојот инструмент, и уживам во изведување на музиката од наше време и во работењето со моите пријатели, композитори,музичари. Се радувам што даваме живот на нова музика бидејќи е жив процес. Но исто така мислам и дека постарата музика како Бах треба да се свири како прва изведба бидејќи за многу луѓе кои не ја слушнале оваа музика на некој начин е и современа музика која се трансформира во времето пред 300 години и сите уживаат во неа, додаде Милер-Шот кој свири на виолнчелото „Екс Шапиро“ изработено од Матео Гофрилер во 1727 година.

OhridNews











