Над 40 прекршочни пријави за незаконски лов на риби, поднеле инспекторите за земјоделство, во рамки на контролите, кои ги спровеле на подрачјето на Охрид и Струга, во текот на изминатиот период. Ова деновиве го соопштиле претставници на Државниот инспекторат за земјоделие, за неколку национални медиуми. Според истите извори на подрачјето на Охридското Езеро и по течението на реката Црн Дрим, при редовни и организирани акции, инспекторите успеале да спроведат околу 400 контроли.
Освен прекршочни пријави за непочитување на одредбите од Законот за рибарство инспекторите, поднеле и три кривични пријави поради недозволено ловење риба кога трае забраната за лов.
Изминатиот викенд во Охрид беа уништени повеќе од 1.300 рибарски мрежи со вкупна должина од 52 километри, кои ги запленила Рибочуварската служба на Охридското Езеро.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димоски, кој присуствуваше на уништувањето на риболовниот алат, рече дека запленетите мрежи им припаѓаат на луѓе кои не го сакаат езерото и истите им нанесуваат огромни штети на ендемските видови риби кои тука живеат.
– И покрај тоа што се преземаат мерки за порибување на Охридското Езеро од страна на Министерсвото за земјоделство и Хидробиолошкиот институт, со околу два милиони парчиња подмладок на пастрмка годишно, најмалку е пожелно овој ендемски вид риба да се уништува на ваков начин – изјави Димоски.
Тој најави дека измените во Законот за рибарство и аквакултура, ќе донесат многу поригорозни казни за рибокрадците, кои ќе одговараат согласно кривичниот законик.