Непосредно по вчерашното  нарушување на јавниот ред и мир, случено околу 15 часот и 15 минути на улицата „Илинденска„ полицијата ги приведе Р.Е. (20) од Скопје, И.Д. (19) од Кавадарци и Ф.А. (18) од Охрид и против нив поднесе прекршочни пријави, соопшти СВР Охрид.

Како што информираат од полицијата, пријавените Р.Е. и И.Д. кои се на издржување казна затвор во казнено-поправната установа во Охрид, во продавница на улицата „Илинденска“ започнале вербална расправија со Ф.А. околу редот за наплата на касата. Одкако излегле од продавницата, двајцата го причекале Ф.А. и продолжувајки со  вербалните навреди, физички го нападнале со повеќе удари со раце и нозе. Во меѓусебната тепачка, Ф.А. извадил нож со сечиво од 8 сантиметри и замавнувајки кон Р.Е. и И.Д. им нанел расекотини во пределот на левата надлактица односно левата надколеница. По извршен преглед во Општата болница во Охрид, кај нив се констатирани лесни телесни повреди.
     
Пријавените Р.Е. и И.Д. се приведени заедно со уште две други лица кои исто така биле на издржување казна затвор во охридската казнено-поправна установа. 

OhridNews