Преку 5000 Ирци ќе допатуваат во Скопје за квалификацискиот натпревар меѓу Македонија и Ирска кој ќе се игра на 4 јуни во Скопје во рамките на квалификациите за ЕП 2012, пишува дневниот весник “Вечер“.

Информацијата за весникот ја потврдила делегацијата на Фудбалската федерација на Ирска, на чело со комесарот за безбедност, која била гостин на Фудбалската федерација на Македонија.


– Ирците побараа да купат 5.000 билети и тоа ќе им биде овозможено, иако според нивни проценки во Скопје треба да допатуваат меѓу 3.000 и 5.000 нивни навивачи. Собирно место ќе биде плоштадот Македонија на денот на натпреварот, два часа порано, од каде организирано пеш ќе бидат спроведени до стадионот кон северната трибина на влезот за Исток од кај Вардар, вели комесарот за безбедност на ФФМ, Митре Трајковски.

Ирците информираа дека меѓу нивните навивачи нема такви кои се наоѓаат на црната листа, иако навестија дека може да има инцидентни случаи некои да бидат под дејство на алкохол. – Меѓутоа, веднаш ги предупредивме Ирците дека на алкохолизирани навивачи нема да им биде дозволен пристап на стадионот, истакнува Трајковски.


Според најавата Ирците ќе допатуваат во Скопје со чартер-лет во доцните попладневни часови на 2 јуни и ќе бидат сместени во х. “Александар палас”. На 3 јуни ќе имаат еден затворен тренинг на арената “Филип Втори”, пред да го излезат на  медаган со Македонија што практично е  реванш, по натпреварот на 26 март во Даблин. Ирците на првата средба на свој терен славеа со 2:1, иако “црвено-жолтите” имаа шанси да се вратат со еден бод.

Македонија по 5. коло го зазема 5-тото место во Б-групата со 4 бодови. Првото место го делат Р. Ирска, Русија и Словачка со по 10 бодови, пред Ерменија со 8, а последна 6-та на табелата е Андора без бодови.