Секој што има т.н. смарт телефон со интернет од денеска ќе може да ја користи „i-Kat“ апликацијата на Агенцијата за катастар и недвижности која овозможува лесен пристап и увид до сите нејзини податоци.

„i-Kat“ обезбедува графички приказ на секоја локација, како и информации од имотниот лист за саканата парцела, нејзин број, големина, сопственици и евентуална узурпираност.

Апликацијата е бесплатна и може да се симне од веб страницата на катастарот. Наскоро ќе биде достапна и на Google Play.

Пребарувањето се врши на два начина, преку локацијата на парцелата, ако му е позната на корисникот, или, ако не му е позната, со внесување на бројот на парцелата и на катастарската општина каде што се наоѓа. Во ваков случај апликацијата дава резултати за податоците впишани во имотниот лист без приказ на товарите. За дигитализираните области на екранот може да се видат и архивиските оригинални снимки и ортофото, односно авионските снимки, додека за областите кои се уште не се дигитализирани достапни се само архивските снимки.

Апликацијата „i-Kat“ е финансирана од Шведската агенција за меѓународна соработка (СИДА), а ја изработи македонска фирма.

OhridNews