Со примена на општествената одговорност претпријатијата ја зголемуваат својата успешност и добивка во работењето, беше потенцирано на денешната презентација во Охрид на Проектот – “Општествена одговорност на претпријатијата”.


Пред присутните претставници од неколку охридски фирми , за значењето на општествената одговорност, постоечката регулатива и нејзината примена во малите и средни претпријатија, говореа Александар Николов , претседател на Националното координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата и Глигор Михаиловски- од Македонската развојна фондација за претпријатија.

Како што истакна Михаиловски, општествената одговорност не е законска обврска на фирмите, туку нешто што тие доброволно би требало да го применуваат, со цел да остварат и поголем успех во работењето.

– Има неколку димензии во кои се јавува општествената одговорносст- етика, вложување во заедницата, односите со вработените, добавувачите и потрошувачите и животната средина. Тоа се елементи кои претпријатијата треба да се обидат да ги применуваат. Ние сметаме дека вложувањето во заедницата, во односите со вработените и животната средина, ќе биде препознаено од страна на потрошувачите кои тоа ќе го наградат. Притоа, фирмата ќе оствари и поголема добивка, вели Михаиловски.


Александар Николов се осврна на актуелната состојба од областа на општествената одговорност , на мотивите за воведување на презентираниот концепт за претприемачите и за државата, зборувајќи и за Националното координативно тело за општествена одговорност, неговата мисиија и задачите кои ќе ги спроведува.

Презентацијата е дел од проектот “Поддршка за реализација на националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата во РМ”, чиј носител е министерството за економија, во партнерство со со Македонската развојна фондација за претпријатија, Сојузот на стопански комори и Здружението Конект.


    
Презентацијата во Охрид е втора по ред, а предвидено е до крајот на годината да се одржат уште осум презенатции низ градовите во Македонија.

OhridNews