Директорот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, м-р Мирјана Лозаноска, денес во Скопје, со министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, го потпишаа договорот за реализација на инвестицискиот проект за реконструкција и модернизација на Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања “Свети Стефан” во Охрид.

Буџетот на проектот тежи нешто повеќе од 23,4 милиони денари, и согласно пресметката средствата ќе бидат вложени во темелна реконструкција со цел, првостепено, да се подигне нивото на енергетската ефикасност на објектот. Со тоа ќе се овозможи перманентно користење на капацитетот во текот на годината, и зголемување на бројката на пациентите што ќе бидат опфатени во процесот на лекување и рехабилитација. Покрај во оваа компонента, значаен дел на средства ќе бидат вложени во дигитализација на услугите, како и набавка на опрема за прецизна дијагностика на пациентите.

Со оваа мошне значајна инвестиција уште повеќе ќе се подигне нивото на квалитет на услугите на единствената здравствена установа во државава која изведува кардиолошка рехабилитација на пациенти од целата територија, а во која од 2006 година се изведуваат и интервенции од областа на интензивна кардиологија.

На денешниот официјален настан, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов истакна дека поддржаните проекти на центрите за развој значително ќе ги подобрат услугите на населението во осумте региони и ќе придонесат во зајакнувањето на регионалната политика во државата.

Амбасадорката на Швајцарската конфедерација во Скопје, Н.Е. Вероник Хулман, очекува со реализацијата на проектите да се унапреди квалитетот на живот на граѓаните преку зајакнување на демократските институции и практики, промовирање одржлив и инклузивен регионален развој.

Средствата со кои се финансираат инвестициските проекти се обезбедени од националниот буџет преку Министерството за локална самоуправа и од страна на Швајцарската конфедерација преку агенцијата за развој и соработка (SDC) во рамките на Грантовата шема од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, а со значителна сума во зафатите во Охрид ќе учествува и самата болница.

Презентацијата на целиот проект ќе се изврши во вторник во 11 часот во болницата.

OhridNews