Свеста за инклузивниот образовен процес на децата со попреченост во развојот не е на завидно ниво, дури ќе одам и понатаму и ќе кажам дека во одредени средини постои и отпор, неприфаќање и стигматизација на овие дечиња не само од други родители, туку и од соучениците, што се покажа за жал и со последниот случај со малата Ембла, вели Далиборка Сајческа Симоновска, автор и главен координатор на проектот „Вклучи ме“ или „Include me in“ што се спроведува во ООУ „Дебрца“.
Меѓутоа морам да потенцирам дека тоа никако не случај во ООУ „Дебрца“ каде што напротив овие дечиња се целосно прифатени и од наставниот кадар и од соучениците. Во нашето училиште овие деца целосно и без исклучок се вклучени во сите активности поврзани со наставата како и воннаставните активности, имаме и инклузивен тим и еден образовен асистент, додава Сајческа Симоновска.
За да има подобри резултати во учењето и напредувањето на овие ученици, воопшто, вели неопходно е да има повеќе образовни асистенти, популаризирање на проблематиката, повеќе обуки за наставниците.
Ваквите проекти како што е „Вклучи ме“ не само што многу придонесуваат за олеснувањето на образовниот процес на овие дечиња, туку значењето оди и на едно повисоко ниво бидејќи за време на самите активности дечињата се многу среќни и исполнети, се чувствуваат корисно и значајно што секако придонесува да имаат поголема самодоверба, вели Сајческа Симоновска.
Првата мобилност од проект беше одржана од 31 јануари до 4 февруари во ООУ Дебрца. За истата беа предвидени активности за користење на апликации кои ќе им ја олеснат наставата на овие дечиња (онлајн речници, абакус,сложувалки и т.н.) за кои беше одржана и работилница пред партнерите на проектот од Турција и Романија организирана од Ресурсен центар Скопје
За потребите на оваа активност за нашите ученици со лесна попреченост и ранливи категории им набавивме таблети кои ќе ги користат и понатаму во наставата. На првата мобилност имавме и спортски игри за подобрување на психомоторните способности, фокусот и концентрацијата на овие дечиња. Придобивките, пак, на наставниците од посетување на ваков тип на работилници секако дека се големи бидејќи многу нејаснотии околу оценувањето, изготвувањето на индивидуален образовен план како и употребата на наставни форми, методи и техники беа разјаснети. Наставниците ќе добијат и сертификати за посетуваните обуки, додава Сајческа Симоновска.

Следните активности ќе се одвиваат во Таргу Џиу Романија и Кападокија Турција, а истите ќе се однесуваат на подобрување на животните вештини на овие дечиња во повеќе сегменти од секојдневниот живот (од подготовка на лесни оброци, до фотографски курсеви..) и за истите ќе се изврши дисеминација и во ООУ „Дебрца“.
Н.С.Ј.














