Пишува: Д-р Тина Васков клинички невропсихолог

Прекумерното користење на интернет претставува современа форма на зависност која се манифестира како состојба на поединецот во која користењето на интернет станува негова доминантна животна активност и истата го изолира во однос на останатите животни текови и остава негативни последици врз него и неговата околина. Се манифестира како упорна опсесивна желба да се поминува време на интернет. Лицето ги занемарува вообичаените активности како што се дружење, учење, работни активности, домашни активности итн. и има тешкотии да ги прекине активностите на интернет дури и кога самото ќе препознае дека е време за тоа.

Зависноста од интернет се манифестира во повеќе форми и тоа како зависност од играње компјутерски игри, зависност од пребарување на интернет, сајберсекс, зависност од воспоставување на пријателски врски преку интернет, коцкање на интернет, зависност од компјутери…

Кои се знаците за зависност од интернет?

● Преокупација со интернет
● Користење на интернет во зголемена мера со цел да се постигне задоволство
● Повторливи и неуспешни обиди за контролирано користење на интернет
● Чувство на депресија или иритираност при обид да се намали користењето на интернет
● Поминување време онлајн подолго од потребното и предвиденото
● Нарушена интерперсонална комуникација, загрозување на работниот процес, попуштање во образовните постигнувања
● Лажење на луѓето со цел да се прикрие користењето на интернет
● Користењето на интернет е начин да се избегнат проблемите и/или да се промени расположението

Зависноста од интернет резултира со лични, семејни, академски, финансиски и окупациони проблеми. Поголемиот дел од времето лицето го поминува на интернет и делумно е изолирано од реалниот свет. Често се обидува да го прикрие времето кое го поминува на интернет, што доведува до недоверба и нестабилност во релациите со луѓето. Некои од нив дури формираат и онлајн личности или профили и се претставуваат како луѓе различни од тоа што се во реалното живеење.

Прекумерната употреба на интернет најчесто се поврзува со зачестени депресивни епизоди и анксиозност, како и мноштво други медицински проблеми како: синдром сarpal тunnel, синдром на суви очи, болки во грбот, главоболки, нередовна исхрана (прескокнување на оброци), неуспешно одржување на лична хигиена, проблеми со спиењето и сл.

Третман:

При третирање на зависноста од интернет, примарен фокус се става на психотераписка работа со цел да се влијае на времетраењето кое лицето го поминува на интернет, се делува исто така и на содржините што ги пребарува, а истовремено се интервенира и на ниво на евентуалните психолошки проблеми (интерперсонални релации, враќање на старите навики за учење и работа и сл.) и, секако дека се интервенира доколку лицето развило симптоми на анксиозност и/или депресија.

Во третирањето на прекумерна употреба на интернет се користат и техники за менаџирање што ќе му помогнат на клиентот да го структурира и да го регулира времето што го поминува онлајн преку нудење стратегии што ќе му помогнат да развие активности кои ќе го оттргнат од компјутерот.

Текстот е објавен во магазинот „Наше Здравје“
на фармацевтскиот бренд „Виа Фарм“