Утре, 10 ноември, охридската публика ќе има можност премиерно да ја проследи новата претстава на охридскиот Народен театар, „Метод“ од Жорди Галсеран, а во режија на Ирена Стеријовска.

Како што појаснува режисерот, станува збор за интензивен трилер со брзи заплети, со бројни трикови на авторот за развивање на дејството, текст кој човекот го претставува како жртва на модерното време. Четворица кандидати се пријавуваат за местото на вториот човек во голема интернационална компанија и почнува интервјуто со одреден метод на испитување.

  • Публиката да се запраша каде одиме и дали овој систем на оценување на способностите на луѓето зазема сериозен карактер и е предмет на истражувања. Сметам дека овој текст е коментар на крајноста-до каде се оди во однос на потребата да се процени човековата способност во однос на тоа што е потребно за да се успее во работата. Се надевам дека со претставата ќе привлечеме голем број публика поради тоа што станува збор за трилер што ќе донесе свежина во театарскиот живот во Македонија, вели Стеријовска.

Актерската екипа во претставата ја сочинуваат: Стрезо Стаматовски, Ивица Цонев, Елизабета Стефановска и Јаков Спасов. Идејно решение за сценографија Стефан Спировски, а костимографијата е на Ана Кркулеска Попоска. Изборот на музика го направи Ирена Стеријовска, а композитор на темата “Tango Mastergame” е Ермаљ Мехмети.

  • Станува збор за лицемерието кое е универзален клуч за социјална комуникација каде недостатокот на обзирите е станат утврден начин на поведение, алчноста е единствен мотив за благосостојба, каде егоистичната заљубеност е прифатена како највисока форма на духовната содржина на човекот, а искрените емоции се прифатени како слабост, вели актерот Ивица Цонев.

Директорот на Центарот за култура, Стрезо Стаматоски потенцира дека текстот е за прв пат преведен на македонски јазик и за прв пат се поставува на сцена на театар во Македонија. По оваа премиера на охридскиот театар, пред новогодишните празници ќе има уште една театарска премиера со која ќе се заокружи годинешната програма на театарот.

Премиерата на „Метод“е на малата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток во 20 часот. Билетите за премиерата чинат 300 денари. Вечерва е закажана претпремиера, исто така во 20 часот. Билетите за претпремиерата чинат 200 денари, а собраните средства ќе бидат донирани за помош на Сара Настеска.

Т.К.