Понеделник, 22- ри јуни во Центарот за култура „ Григор Прличев“, од страна на членовите средношколци на Драмското студио премиерно ќе биде изведена претставата „ Младост“. Како што објаснува режисерот Ѓорѓи Ризески, станува збор за претстава која се подготвувала без класичен текст и во која се обработуваат актуелни теми од секојдневниот живот на младите.
– Претставата е за сечиј вкус, за сите возрасти бидејќи сите ние се грижиме за тие деца кои се иднината на општеството. На еден комичен начин ги прикажуваме ситуациите од нивниот секојдневен живот и главното прашање: Што во иднина? Пред да почнеме со подготовките ги прашав членовите што ги интересира највеќе, ми ги кажаа темите и почнавме да ги развиваме во сцени и успеавме сето тоа да го собереме во пакет од час време, објаснува Ризески.
Охридските средношколци кои учествуваат во претставата, Лука Илоски, Ѓеорѓи Ставрески и Елена Мартиноска, потенцираат дека претставата е многу поразлична од останатите кои можела публиката да ги види.
– Во „ Младост“ покажавме дел од себеси што ни помогна да се запознеме подобро и да функционираме како одличен тим. Дава слика за животот на младите, желбите и реалноста преку хумористични сцени. Се надеваме дека публиката ќе ужива, вели Елена Мартиноска.
– За мене беше задоволство да сум дел од претставата и од драмското студио. Ова е финалниот производ на кој работевме изминатите два месеци, дава реална слика како се однесуваат младите, но на еден хумористичен начин, додава Ѓеорѓи Ставрески.
Средношколците учесници во претставата потенцираат дека со отворањето на Драмското студио конечно се реализирале нивните желби да глумат и се дел од некоја претстава.
– Во Драмското студио работиме повеќе од четири месеци . На почетокот започнавме со основни вежби се запознававме со драмската игра, а последниве месеци работевме на оваа претстава. Јас од мал сум сакал да глумам, но порано немавме можност бидејќи на градот му недостигаше Драмско студио, вели Лука Илоски.
Охридското Драмско студио кое функционира во рамки на Центарот за култура го посетуваат повеќе од 40 членови на возраст од 5 до 18 години кои се поделени во три групи.
Т. К.