Претставата „Мачка на вжештен ламаринен покрив“ од Тенеси Вилијамс, што како проектна активност ја подготвија ученици на охридската гимназија под водство на проф. Ирена Бачиќ, од технички причини наместо денеска, премиерно ќе биде одиграна во вторник, 29ти април во 19.30 ч. во Центарот за култура „Григор Прличев“. Репризно претставата љубителите на театарот ќе можат да ја погледнат во среда, 30ти април исто така во Центарот за култура со почеток 19.30 ч..

 Во претставата која се подготвуваше два месеца, настапуваат ученици од охридската гимназија, сценографијата е на проф. Кети Слатинец, а светло Илија Левески. Сценскиот настап е пропратен со музика на пијано (Димитриј Атанасов) и вокални аранжмани (Емилија Колоска).

За претставата

– „Мачка на вжештениот ламаринен покрив“е драмски текст во кој совршено се анализирани приказните на сите ликови. Тука се двајцата браќа,Брик и Гупер Полит, кои некаде длабоко во душата се сакаат, но Гупер во битката за придобивањето на татковата љубов го става во многу непријатни ситуации. Секако, тука е и Гуперовата жена Моли која нивната напнатост ја доведува до усвитеност. Депресивниот Брик решава своите денови да ги помине во алкохол и во одбивање на својата привлечна сопруга Меги, наречена Мачката, која постојано му го потенцира големото наследство што треба да го остави нејзиниот свекор кој е пред умирање, а тој факт го кријат сите од него. Постојат многу шпекулации за разлабавениот брак на Меги и Брик, но Меги Мачката сепак е упорна во својата борба да ја врати љубовта од својот сопруг и во извлекувањето симпатии кај нејзиниот свекор во поглед на наследството.-

OhridNews