Дали постои втора шанса после предавство?  На што се спремни луѓето кои бараат втора шанса и сакаат да си го купат својот грев?- се дел од прашањата со кои се соочуваат ликовите во филмот „Матасари,“ најновото филмско остварување на охриѓанецот, режисерот Илија Пиперкоски чија премиера е закажана на 29- ти март во Букурешт .


Премиерата на „Матасари“ ќе се одржи во рамки на еден од најпознатите филмски фестивали во Југоисточна Европа, Next film festival.


Основната тема во филмот е предавството, раскажана преку бурниот живот на младите луѓе во Букурешт, кои под влијание на алкохол, дроги, не размислуваат рационално, туку се водени од инстинкти и нагони, го живеат својот секојдневен живот полн со страсти и гревови и така се до моментот кога нема простор и време за да се вратат назад и да си ги поправат своите постапки, изкажани зборови…


– Никогаш човек не може толку да си го упропасти животот кога сака да го поправи, а не знае ни зошто ни како да го поправи, ниту знае дали тоа е поправување или расипување, особено ако го изгуби својот мир. Во филмот, некои последици се случуваат пред причините. Судбината ги изнесува на виделина крепостите и маните на главните ликови, како светлината ги изнесува предметите. Луѓето си го добиваат тоа што треба да го добијат, а тоа нема никаква врска со тоа што го заслужуваат, вели режисерот Пиперкоски зборувајќи за своето најново филмско остварување.


Претходно филмот „Матасари“ беше претпремиерно прикажан, на затворена проекција на која присуствуваа блиски пријатели и соработници на режисерот.

OhridNews