Премиерот Груевски потврди дека ќе го почитува Договорот од Пржино: ќе даде оставка пред 15 јануари, за да може на овој ден да се избере Влада што ќе ја предводи друг функционер предложен од ВМРО ДПМНЕ, како што беше договорено во Пржино, јавува „Телма“.

-Согласно договореното, на 15-ти јануари ќе биде избор на нова Влада со Претседател на Владата за спроведување избори. Претходно, секако ќе следува мојата оставка, а за тоа кој ќе биде човекот што ќе биде претседел на Владата за спроведување на изборите, ќе се објави откако ВМРО ДПМНЕ ќе донесе одлука и таа одлука ќе биде јавно промовирана од страна на ВМРО ДПМНЕ или преку соопштение или преку прес конференција. Кога ќе биде, ќе ви соопштиме, изјави Груевски.

Груевски тврди дека ВМРО ДПМНЕ ги исполнува сите обврски предвидени со Договорот од Пржино. Но, пред 15-тина дена, евро комесарот Јоханес Хан преку писмо испратено до четворицата лидери, изрази загриженост од нереализацијата на нивниот договор. Токму затоа најави дека повторно ќе дојде во Скопје. Премиерот не открива што конкретно ќе му каже.

-За тоа што ќе му кажам на Хан, ќе ви кажам откако ќе му кажам, – вели Груевски.

На 11-ти доаѓаат евро-пратениците Ховит, Вајгл и Кукан. Неизвесно е дали Хан ќе дојде со нив или по нив. Медијаторите се загрижени што преговорите за медиумите се во прекин, другите теми поврзани со владеење на правото, со граѓанското општество и со целосната консолидација на економскиот и на демократскиот развој, не се ни почнати. Истовремено, Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето не заседава, а ДИК сеуште нема опрема и кадри за да може реално да го преземе а потоа и да го пречистува Избирачкиот список.

OhridNews
извор:“Телма“