Премиерот Христијан Мицкоски, преку видео обраќање од Брисел објавено на социјалните мрежи, остро го осуди бруталното насилство врз 26-годишната девојка во Охрид, порачувајќи дека институциите ќе направат сè за сторителот да одговара.

Како што истакна Мицкоски, иако неговото обраќање од Белгија првично било планирано за состаноците и активностите во Брисел, вознемирувачката  вест за претепувањето на младата девојка, која ја потресе охридската и македонската јавност, го поттикнала веднаш да реагира.

Ја користам оваа прилика да изразам жалење и жестоко да го осудам дивјаштвото кое што се случува. А, воедно како човек, како родител, како татко, како брат и сопруг сакам да изразам поддршка до семејството на девојката и да ветам дека сè ќе сториме како институција и јас како претседател на Владата лицето кое што го сторило овој ужасен напад да биде изведено пред лицето на правдата“, порача премиерот.

Случајот кој се случи изминатиот викенд во Охрид, а во кој 26-годишната девојка се здоби со тешки телесни повреди, предизвика силен револт во јавноста.

По документирањето на настанот, полицијата поднесе кривична пријава против 31-годишниот осомничен охриѓанец, кој по првичните постапки повторно беше приведен. Од истрагата беше потврдено дека кај напаѓачот биле измерени 1,29 промили алкохол во крвта, одземено му е возилото, а најавени се и дополнителни пријави поврзани со инцидентот.

Во меѓувреме, од Јавното обвинителство порачаа дека се преземаат сите неопходни истражни дејствија и дека се очекува брза и ефикасна одлука. Остри осуди за насилството претходно упатија и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој побара правично и ефикасно постапување од институциите, како и политичките партии, во услови кога полициските билтени бележат зачестени пријави за семејно насилство во охридскиот регион.

OhridNews