Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска беше во работна посета во Охрид за да изврши увид во работите на реконструкцијата на Државното средно училиште и Регионален центар за стручно образование и обука “Ванчо Питошески“, информира владината прес служба.

Со повеќе од 108 милиони денари од буџетот на Министерството за образование и наука целосно се реновира училишниот објект, вклучително и ученичкиот дом кој е дел од овој регионален центар. Предвидено е и да се набави врвна професионална опрема за практична работа за усовршување на стручноста на учениците во угостителството и врвното хотелиерство. Оваа инвестиција која ја прави Владата и Министерството за образование и наука е влог во иднината на младите луѓе и во Охрид и во земјата. Системскиот пристап за формирање на стручен кадар со знаење и вештини релевантни за потребите на индустријата е начин кој пред сѐ ќе им овозможи на младите луѓе да станат поконкурентни на пазарот на труд но и да си ја креираат својата професионална иднина дома. – вели во видео изјава Ковачески.

Практичното образование е одличен системски решен начин на градење вештини потребни на пазарот на работна сила. Со ова им се дава шанса на младите луѓе да се стекнат со квалитетна практична настава и можност да се насочат кон професии кои се навистина барани на пазарот, додаде премиерот. Посочи дека во Охрид нема необновено основно или средно училиште со поддршка на Владатa.

За сите основни и средни училишта се обезбедени нови покриви, нова енергетски ефикасни прозорци, врати и фасади, нови подови и санитарни јазли. Изградени или обновени се повеќе спортски сали, набавена е нова училишна опрема и соодветни нагледни средства за кабинетите за стручните предмети. Сметам дека тоа е вистинскиот начин на кој ние како Влада, треба да се грижиме за нашите ученици и притоа да им овозможиме што подобри услови за развој. – додаде Ковачески.

Тој потенцираше дека наставниците исто така се во фокусот на државата и ја критикуваше опозицијата дека го блокира законот со кој ќе се подобри стандардот на просветните работници.

И понатаму го сметам за неодговорно блокирањето на законот во Собранието кој за 4.500 наставници предвидува решавање на статусот со вработувањето и зголемување на платите. Со зголемувањето од 10% во 2020 година, заедно со претходните покачувања, два пати по 5% за само една година, вкупното покачување на платите во основното, средното, високото образование и во науката, ќе изнесува 20,6%. Ова е нашиот сериозен влог во грижата за стандардот на вработените во образованието и науката. – истакна Ковачески.

OhridNews