Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на манифестацијата важна за бизнисот во Југоисточна и Средна Европа, „Најменаџер и најкомпанија за 2017″, во Сараево, доби специјално признание, „Европска личност на годината” и „Носител на позитивни промени во регионот”, за ангажирање по прашања од политиката, бизнисот и економијата, развивање и јакнење на пријателски, регионални и меѓународни соработки, како и за создавање услови за унапредување и подобрување на животот кај граѓаните.
Премиерот Заев присуствуваше на традиционалниот бизнис собир, што се одржува 36 пат во Сараево, во организација на Независната европска агенција, Европско здружение на менаџери и списанието Еуроменаџер, во партнерство со надворешно-трговската комора на БИХ, на којашто доби признание од позиција на премиер, а лани доби награда за најдобар градоначалник во Југоисточна Европа за 2016 година.
Заев вчера се сретна со претседавачот на Советот на министри на БИХ, Денис Звиздиќ, а вечерва има работна вечера и со хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ.
Пораката на високо политичко ниво од Сараево е дека постои силна определеност за меѓусебна соработка со цел интеграција на целиот Западен Балкан во ЕУ и НАТО.
OhridNews