Претседателот на Владата Зоран Заев, денеска на прес-конференција се обрати по повод заклучоците на Европскиот Совет, посочувајќи дека причина за недобињето датум за преговори со ЕУ се должи исклучиво на внатрешните нерешени проблеми во Унијата. Излезот, пак, од новонастанатата политичка ситуација, тој го гледа во брзи парламентарни избори.

Пред два дена во Брисел ни беше направена голема неправда. Европската Унија не го испорача тоа што ни го вети. Ние ги завршивме сите наши обврски. Испорачавме резултати во реформите, ги решивме споровите со соседите. А тие не си останаа на зборот и не испорачаа, рече Заев.

– Но, факт е дека ние сме жртви на историска грешка на ЕУ и тоа кај сите нас предизвикува огромна огорченост. И јас сум разочаран и лут, и знам дека целиот наш народ така се чувствува. Затоа, гневот и тежината на граѓаните ги чувствувам како уште една лузна.За мене лично, ова неисполнето ветување е исклучително лоша и неправедна постапка на Унијата, а истовремено и сериозна работа. Јас така ја толкувам и никако поинаку.Но, тоа е одлука на ЕУ, заради нивни нерешени внатрешни работи и таа одлука ние не можеме да ја промениме. – предочи Заев.

Сепак, додаде Заев, ние и тоа како сме одговорни за сопствените одлуки, кои ги носиме за нашите граѓани и за македонската иднина. Сериозноста на актуелниот миг бара сериозна одлука, истакна тој.

– Европскиот сон на македонскиот народ, и на Албанците, Србите, Власите, Турците, Ромите, Бошњаците и сите други кои живеат во нашата земја – нема да биде срушен. Затоа почитувани граѓани, одговорно се исправам пред вашата одлука. Сега е потребен вашиот став. Немаме време за губење. И затоа мојот предлог е: Организирање брзи предвремени избори. Избори најбрзо што може. Избори на кои вие граѓаните ќе донесете одлука и потврда за патот по кој треба да продолжи нашата земја. И токму ова ќе биде мојот предлог на утрешната лидерска средба кај претседателот Пендаровски. Организирање избори најбрзо што може, за граѓаните да кажат по кој пат да одиме натаму. – рече премиерот Зоран Заев.

Тој истакна дека во изминатите две и пол години донесени се храбри одлуки, но претстои макотрпна работа за Македонија да стане Европска држава, а тоа не е задача на една влада или дваесет луѓе, туку на 2 милиони жители кои треба да го изберат вистинскиот – европски пат.

Г. М.

Фото: Влада.мк