Мијалче (подоцна Гаврил Светогорец, Епископ Велички) се родил на 10 март 1926 година, во Штип, од православни родители Методиј (подоцна монах Кирил) и Гора Парнаџиеви. Основно образование, а потоа и гимназија завршил во родниот град. Уште како млад се одликувал со посебна кротост и послушност. Потоа се запишал на Академијата за ликовни уметности во Белград. После дипломирањето, во 1955 година, четири-пет години работел како професор по уметност и историја на уметноста во гимназијата и учителската школа „Гоце Делчев“ во Штип.

Редовно ги служел сите богослужби во манастирот и непрестајно се трудел во подвигот на умно-срдечната молитва. Тишината и самотијата биле негови постојани сотрудници, затоа и често ги користел двете ближни пештери. Од Бог добил дар на проѕорливост и чудотворство.
Во 1981 година, на 28-ми август, на празникот на Успение на Пресвета Богородица, од Синодот на Македонската Православна Црква бил унапреден во архимандрит, а по точно една година бил хиротонисан за Епископ со титула Велички. Иако отсекогаш копнеел и прибегнувал кон тихување, сепак, од послушание прифатил да биде хиротонисан за епископ. Си ја предвидел својата смрт и самиот си отслужил четириесет заупокоени Литургии. На 12 јануари 1990 година, со Евангелието, кое постојано го читал, и со крстот на гради, а во раката – бројаница, мирно Му ја предал својата душа на Бог. Бил погребан зад олтарниот дел на манастирот, покрај својот телесен татко и духовен син, отец Кирил.
OhridNews











