Европската комисија (ЕК) ја задржува позитивната препорака за Македонија за почеток на пристапните преговори за членство, но истата како и минатата година зависи од целосната имплементација на Пржинскиот договор, порача денес еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори Јоханес Хан, за време на презентацијата на извештаите за напредокот на земјите кандидати, пренесува „Макфакс“.

„Се уште не сме надвор од политичката криза, но сега постои вистинска шанса за да се реши кризата и останатите прашања, а земјата мора да спроведе кредибилни избори и да им се посвети на реформските приоритети. Комисијата ќе ја задржи препораката за почеток на преговорите, но во зависност од целосната импелентација на Пржинскиот договор“, изјави Хан.

Тој додаде дека земјата во изминатава година исто така одржала и значајна улога во мигрантската криза. Говорејќи и за остантите земји кандидати, Хан потенцираше дека додека минатата година новиот состав на Европската комисија под водство на претседателот Жан-Клод Јункер ја претставило новата стратегија во поглед на политиката на проширувањето, оваа година можат да се видат резултатите.

„Минатата година ја поставивме стратегијата на новата комисија а оваа година гледаме какви се резултатите, би сакал да потенцирам дека стратегијата за проширувањето дава резултати и е најдобриот инструмент за развојот на земјите од западен Балкан. Иако реформите не се движат со потребната брзина и повеќето земји се уште се соочуваат со потешкотии, сметаме дека ова е долготраен процес“, порача австрискиот еврокомесар.

OhridNews
извор Макфакс