Од општинската СДСМ со обвинувања до локалната самоуправа и градоначалникот за негрижа кон учениците.

– На само неколку дена до почетокот на новата учебна година, учениците во основно образование кои досега го користеа организираниот превоз, сега ќе мора да се снаоѓаат како знаат и умеат бидејќи Бакрачески и неговите експерти, навремено не избрале превозник кој ќе го спроведува превозот. Оваа неспособна локална власт веројатно преокупирана со партиските приоритети, директно е најодговорна за тоа што оваа учебна година, образовните институции ќе ја започнат неподготвени. Тие мислат дека со бојадисувањето на училниците и бришење прашина од клупите ја завршиле работата и подготвени се да ги примат учениците. Го потсетуваме Бакрачески дека според Законот за основно образование „ Ученикот има право на бесплатен превоз ако местото на живеење е оддалечено најмалку два километри од најблиското основно училиште. “

Од општинската ВМРО ДПМНЕ реагираат дека изнесените обвинувања не се точни.

– Директорите на основните училишта навремено ја отпочнаа постапката за избор на најповолен понудувач за превоз на учениците и во повеќето училишта истата е веќе завршена и учениците од 4.9.2017 година непречено ќе користат превоз ДО и ОД училиштата. Постапката за превоз на учениците е завршена во сите средни училишта во градот и во основното училиште во Пештани. Училиштата коишто сже уште немаат избрано превозник ја повторија постапката поради високата цена на понудувачите и истата е во тек. По завршувањето на постапката се ќе биде надминато и учениците непречено ќе го остварат ова нивно право загарантирано со закон. Сето ова се прави се со цел да се овозможи пониска цена за превоз на учениците, а со тоа би се заштедиле парични средства во Буџетот на Општина Охрид, велат од ОК на ВМРО ДПМНЕ.

Од локалната пак со контраобвинувања дека минатата локална власт поради скапи тендери за превоз на ученици оставила големи долгови по основ на превоз на ученици.

– Најлошо од се што оставија се навиките кај економските оператори кога е во прашање тендерот за превоз на ученици да се нудат цени многукратно повисоки од реалните. Грижата на оваа Локална самоуправа предводено од градоначалникот Никола Бакрачески во овие четири години е комплетно насочена кон тендерски постапки каде ќе се постигнуваат ниски цени и истите тие тендери општината да може финансиски да ги подмири. Резултатот од таквото работење е нула денари долг во средните училишта и драстично намалени долгови во основните училишта. Тендерските постапки за превоз на ученици се комплетно завршени во средните училишта, а во неколку основни училишта постапките се поништени од страна на директорите поради постигнати повисоки цени од пазарните. Овие постапки се обновени и се очекува за неколку дена да завршат, велат од општина Охрид.

Од локалната додаваат дека директорите на основните училишта во рамки на своите законски можности ќе обезбедат превоз за секој ученик на територијата на општина Охрид за што на првиот училишен ден ќе бидат известени учениците и родителите.

OhridNews