Ефектите од поставувањето на прес контејнерите во населбата “Христо Узунов” и улицата “Богомилска”, инаку едни од најфрекфентните локации во градот, се  позитивни оценуваатод ЈП “Комуналец”. Овие контејнери беа поставени пред неколку месеци, а позитивни реакции за нивната функционалност има и кај граѓаните, информираат од јавното претпријатие.


Поведени од позитивните искуства при користењето на прес контејнерите во западно европските земји, одлучивме за прв пат да ги воведеме и во Охрид, и засега сме задоволни од реакциите на граѓаните. Секако, свесни сме дека има и одредени пропусти, односно некои од граѓаните треба да поминат 200 или 300 метри за да го одложат отпадот , но од наша страна се прави се за тие пропусти со текот на времето да бидат отстранети, вели директорот на јавното претпријатие Сашо Алче.

Тој потенцира дека со поставување на прес контејнерите се решил долгогодишниот проблем при одлагањето и подигањето на отпадот на двете локации .

Сега отпадот не се гледа, не мириса, а многу помал е и опфатот на контејнерот. Просторот каде се поставени постојано се одржува од страна на вработени во претпријатието, а и хортикултурно се уредува.  Доколку во близина на контејнeрите, кога граѓаните го одлагаат отпадот нема наш вработен, тоа може да го направат во помошните контејнери, вели Алче.

 Прес контејнерите се статични и претставуваат современ начин на собирање на отпадна хартија, картон, пет амбалажа, пластика, органски отпад и сл., со нивно пресовање, со што се остварува голема заштеда како во капацитетот на традиционалните контејнери за смет, така и во транспортните трошоци. Превозот и празнењето се врши со возило со самоподигач. Покрај прес контејнерите се поставени контејнер за пластика и контејнер за хартија, со што се врши селекција на отпадот. Ј.П.”Охридски Комуналец” има ангажирано свои вработени кои се грижат за функционирањето на прес контејнерите, депонирањето на отпадот, селекција на отпадот и одржувањето на просторот околу прес контејнерите, а истите се достапни за граѓаните во периодот 07.00 часот-23.00 часот секој ден.

OhridNews