Македонската полиција пресече меѓународен канал за недозволена трговија со марихуана на релација од Македонија за западноевропските земји, при што се  запленети  околу 10 килограми дрога.

По претходно добиено сознание за можен транспорт на марихуана, вчера, околу 14.00 часот, во двор од напуштена куќа во село Фалише од страна на полициски службеници забележано било патничко моторно возило “БМВ 523“ со тетовски регистерски таблички. Поради основи на сомнение дека во истото има сокриено наркотична дрога, известен бил истражен судија од Основен суд Тетово кој издал наредба за вршење претрес и преглед на возилото кое било однесено во кругот на автопатска сообраќајна полиција во Тетово, од каде што е префрлено во автомеханичарска работилница во кругот на МВР на РМ каде што во присуство на сведоци е извршен детален претрес на возилото.


По извршениот детален претрес и преглед во возилото, во внатрешноста на праговите и под крилата пронајдени се 8 полиетиленски пакувања исполнети со растителна материја – марихуана. Пронајдената растителна материја е предадена за вештачење во Одделот за криминалистичка техника. Констатирано е дека се работи за висококвалитетна наркотична дрога марихуана, која на западно европскиот наркопазар при продажба би достигнала цена од 50.000  евра.
   
По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава против сопственикот на возилото во која е пронајдена марихуаната.Лицето  во моментов не е достапно на органите на прогон и по него сеуште се трага.

OhridNews