Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во содејство со Царинската Управа на Македонија пресече меѓународен нарко-канал,при што се запленети над 138 килограми марихуана.Дрогата од Македонија требало да биде пренесена во соседна Бугарија, па потоа да биде испорачана до западноевропските земји.

Од МВР информираат дека марихуаната била пронајдена, вчера, на граничниот премин „Делчево“  на излез од Македонија, при извршен претрес на товарно моторно возило со велешки регистарски таблици.

Според првичните резултати од вештачењето на дрогата утврдено е дека се работи за висококвалитетна марихуана, која на нарко пазарот во западноевропските земји на големо би достигнала цена од околу  560.000 евра, а при продажба на мало околу три пати повеќе.

Во врска со спроведената акција, поднесена е кривична пријава против четири лица поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори”. Не се исклучува можноста дека групата е поврзана со таканаречената франкфурт мафија, бидејќи дел од дрогата била наменета за Германија.