Со завршни зборови на обвинителството и одбраната во Основниот суд во Прилеп денеска заврши повторениот судски процес за убиството на 34-годишниот српски турист Дејан Новаковиќ, што се случи минатата година во Охрид.

Обвинителството останува на актите од обвинението кои обвинетите Митре Костоски и Илче Јоноски, и двајцата од Охрид,  ги товарат за учество во толпа која предизвикала кривично дело со смртни последици, за што максимално предвидена казна затвор е до 5 години. За истото дело се товари и српскиот државјанин Драган Ѓорѓевиќ кому му се суди во отсуство, додека четврто обвинетиот Ѓоко Наумоски се товари за помагање.

Прво и второ обвинетиот, Костоски и Јоноски во завршните зборови искажале жалење за немилиот настан, посочувајќи дека не го извршиле делото за кое се товарат.

Одбраната во завршните зборови ги оспори исказите на сведокот Горан Периќ кој и самиот бил инволвиран во немилиот настан, како и на други очевидци, кои според бранителите биле контроверзни и врз основа на истите не може да се докаже делото за кое се товарат обвинетите. Одбраната бара преквалификација на кривичмото дело од учество во толпа, во учество во тепачка за што максималната казна изнесува 3 години затвор. Одбраната тврди дека прво и второ обвинетиот правеле обид за смирување на инцидентот и дека не учествувале во завршните моменти од тепачката кога и се случило убиството врз српскиот турист.

Пресудата ќе биде соопштена во петок во Основниот суд во Прилеп.

Инаку, овој судски процес се врати во првостепена постапка откако  Апелацискиот суд во Битола, постапувајќи по жалба на одбраната, одлучи да ја укине првичната пресуда што ја донесе прилепскиот суд.

Судењето за убиството на српскиот турист почна во Основниот суд во Охрид, кој  по неколку судски рочишта беше изземен од постапката и за надлежен беше прогласен Основниот суд во Прилеп. Обвинетите прво се товареа за свирепо убиство за потоа, обвинението беше преквалификувано во кривично дело учество во толпа што ќе предизвика кривично дело. Со тоа се создаде можност за пониска казна за обвинетите.

Пред неколку месеци прилепскиот Основен суд ги прогласи за виновни сите четворица обвинети. На првообвинетиот Митре Костоски му беше изречена затворска казна од 4 години, второобвинетиот Илче Јоноски беше осуден на казна затвор од 4 години и шест месеци, а на српскиот државјанин Драган Ѓорѓевиќ, кој се уште е во бегство и кому му се судеше во отсуство, му беше изречена казна затвор од 5 години. Четвртообвинетиот Ѓоко Наумоски за помагање доби затворска казна од една година.

Дејан Новаковиќ беше убиен на 27 август лани во центарот на Охрид.

OhridNews