Обвинети се Митре Костоски и Илче Јоноски, двајцата од Охрид, кои се товарат за учество во толпа која извршило кривично дело убиство. За истото дело во отсуство му се суди и на српскиот државјанин Драган Ѓорѓевиќ кој сеуште е недостапен за органите на прогонот. Четврто-обвинет е охриѓанецот Ѓоко Наумоски кој се товари за помагање.
Во завршните зборови обвинителството остана на актите од обвинението и побара соодветни казни за обвинетите.
Одбраната во завршните зборови ги оспори исказите на дел од сведоците во случајот и побара преквалификација на кривичното дело од учество во толпа, во учество во тепачка за што максималната казна изнесува 3 години затвор.
Инаку, овој судски процес се врати во првостепена постапка откако Апелацискиот суд во Битола, постапувајќи по жалба на одбраната, одлучи да ја укине првичната пресуда што ја донесе прилепскиот суд.
Судењето за убиството на српскиот турист почна во Основниот суд во Охрид, кој по неколку судски рочишта беше изземен од постапката и за надлежен беше прогласен Основниот суд во Прилеп. Обвинетите прво се товареа за свирепо убиство за потоа, обвинението беше преквалификувано во кривично дело учество во толпа што ќе предизвика кривично дело.
Пред неколку месеци прилепскиот Основен суд ги прогласи за виновни сите четворица обвинети. На првообвинетиот Митре Костоски му беше изречена затворска казна од 4 години, второобвинетиот Илче Јоноски беше осуден на казна затвор од 4 години и шест месеци, а на српскиот државјанин Драган Ѓорѓевиќ, кој се уште е во бегство и кому му се судеше во отсуство, му беше изречена казна затвор од 5 години. Четвртообвинетиот Ѓоко Наумоски за помагање доби затворска казна од една година.
Дејан Новаковиќ беше убиен на 27 август лани во центарот на Охрид.