Деформитетот на ‘рбетот е еден од најчестите проблеми кај децата од училишна возраст, а според медицинската статистика околу 30 проценти од основците и средношколците во охридско имаат изразени проблеми со ‘рбетниот столб.
Најчестите причини поради кои се јавуваат деформитети на ‘рбетот се неправилно седење и држење на телото како и носењето на претешките училишни ранци. Тоа е проблем кој последните неколку години не можат да го решат ниту родителите ниту пак стручните медицински лица.
Родителите сметаат дека наставниците се оние кои можат да ги олеснат училишните ранци на учениците, посебно на оние деца од пониските одделенија од основните училишта.
-Ранецот на моето дете кое е трето одделение е навистина претежок, затоа сме принудени се уште да го носиме и да го земаме од училиште. Не дека не може да го носи сам, но се плашам дека може да му штети на грбот. Неколку пати реагиравме до учителката да им го намали бројот на книги и опрема кои ги носат на училиште, но таа вели дека програмата им го наложува тоа, ни објасни една млада мајка од Охрид, со која поразговаравме на оваа тема.
Таа наглaсува дека покрај учебниците, за дополнителна тежина на ранците придонесува и големиот број на тетратки и училишен прибор.
Педијатрите предупредуваат дека детето не смее да носи тежина поголема од 15 отсто од својата телесна тежина, што значи дека ако детето е тешко 20 килограми треба да носи ранец со тежина 3 килограми, што ќе биде без опасност по здравјето на неговиот ‘рбет.
– Пред 20-тина години имаше едно до две деца годишно со проблем на ‘рбетот, но сега секое трето или четврто дете има симптоми на искривување на ‘рбетот или сколиоза. Факторите за оваа состојба се неправилниот начин на живот, начинот на седење на училиште или пред компјутер, малиот број спортски и физички активности, но и тешките ранци, кои децата ги носат на училиште, вели д-р Никола Филев, специјалист педијатар.
Тој појаснува дека за да може правилно да се развиваат и растат, децата уште во училишна возраст, мора да стекнат навики околу правилно држење на телото, седење и движење. Со тоа ќе можат да се избегнат посериозни здравствени проблеми во подоцнежниот живот.
-Родителите треба да обрнат поголемо внимание на изборот на училишен ранец за своето дете. За да грбот на детето биде заштитен, пожелно е ранецот да биде анатомски обликуван и направен од квалитетен материјал, но освен тоа треба да се води сметка ранецот да не биде со многу голема димензија или дополнителни прегради, зошто истите тежат дополнително, вели д-р Филев.
Тој нагласи дека освен родителите, посебно внимание на овој проблем треба да обрнат и надлежните во образовните институции, со што можат значително да придонесат за здравјето на децата.
Е.М
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com