Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, денеска и утре ќе престојува во работна посета на Црна Гора, по повод учеството на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, на покана на претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.

На самитот што се одржува во Тиват и чиј домаќин е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, предвидено е учеството и на претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, претседавачот и двајцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ, претседателката на Република Косово, Вјоса Османи и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ.
Процесот Брдо-Бриони е формиран во 2013 година на заедничка иницијатива на Словенија и Хрватска и го промовира дијалогот и соработката помеѓу шефовите на држави и Влади за прашањата од взаемен интерес, со крајна цел – интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.
OhridNews











