Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, го откажа свамитот на шефови на држави членки на процесот за соработка во Југоисточна Европа, како и форумот за дијалог меѓу цивилизациите, кои викендов требаше да се одржат во Охрид и во Струга.

-Државниот интерес и достоинството на Македонија ме обврзаа да ја донесам оваа одлука. Сакам да знаете дека Република Македонија постапи целосно во согласност со оснивачките документи и правила и како одговорен претседавач. За жал старите балкански предрасуди и комплекси повторно заживеаа во пресрет на самитот. Нема да дозволам преку грбот на Македонија да се прекршуваат старите балкански предрасуди и да се поткусуруваат интересите на балкнските  држави, а цената да ја плаќа Македонија. Предизвиците се решаваат со дијалог, а не со бојкот.-рече претседателот Иванов во обраќањето до јавноста попладнево од вилата Водно.

Тој истакна дека Македонија се подготвувала за самитот цела година со цел да ги донесе на иста маса лидерите од Балканот кои требаа да дискутираат на теми од висок интерес за граѓаните во регионот.

-Македонија не сака да биде набљудувач, уште помалку учесник во игрите со вета и бојкот, истакна Иванов, изразувајќи надеж дека час поскоро ќе имамеме поинаков, поевропски Балкан.

Иванов рече дека ова е јасен сигнал и за Европската унија, кој ја отсликува реалноста на Балканот.

-Оваа одлука ја донесов и за да не се манипулираат граѓаните на Македонија и регионот. Конечно дојде денот кога некој треба отворено да признае дека регионалната соработка е исправена пред сериозен предизвик.-додаде Иванов.

Тој им се заблагодари на ангажманот на сите клои беа вклучени во организација на настанот и на земјите кои безусловно ја прифатија поканата, посочувајќи дека државниот интерес на Македонија и достоинството на нејзините граѓани немаат цена.

На одлуката на претседателот Иванов и претходеа дипломатски препукувања околу учеството на Косово на политичките настани во Охрид и Струга и откажување на учеството од повеќе делегации.

OhridNews