Претседателот Ѓорге Иванов,  вечерва, во рамки на свечената церемонија во Охрид ќе им врачи сертификати на учесниците на втората Школа за млади лидери, која во текот на изминатите десет дена се одржуваше под негово покровителство.

Четириесетте учесници имаа можност на обуките да слушаат предавања, да разменат мислења и да дискутираат со околу 30 предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, политичари и парламентарци од европски земји, претседатели на успешни компании и бизнис-групации.

Меѓу нив беа претседателот Иванов, д-р Георг фон Хабсбург, амбасадор за европски прашања во Владата на Унгарија, Константино Лауриа, економски советник на премиерот на Италија, Хартмут Грос, сопственик на успешна компанија од Германија Холц-Грос, Дарја Бавдаж Курет, амбасадор на Словенија во Унгарија, Адам Горал, претседател на АССЕКО групацијата, која е четврта најголема ИТ-асоцијација во светот, професори од универзитетите Кембриџ и Оксфорд, поранешен парламентарец од Норвешкиот парламент, директори на меѓународни институти и други успешни лидери од Европа и светот.

Одржувањето на Школата е поддржано од повеќе приватни компании, како и од фондациите „Конрад Аденауер“ и „Фридрих Еберт“.

OhridNews