Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод 11 октомври – Денот на вооруженото востание во Република Македонија, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани,

На годинешново одбележување на големиот јубилеј, 70 години од почнувањето на вооружените дејствија кои доведоа до формирање на современата македонска држава, им оддаваме должна почит на учесниците во борбата за ослободување од фашизмот. Македонија може да биде горда на своите синови и ќерки кои земаа учество во борбените дејствија за ослободување на Македонија, водени од високите идеали на слободата и правдата. Можеме да бидеме горди и што тие високи идеали, потврдени и со заклучоците на првото заседание на АСНОМ, претставуваат вистински патоказ за градењето на демократска Македонија.

Македонците, во Втората светска војна застанаа на страната на победничките, демократски и слободољубиви народи на Европа. Особена гордост на нашата борба е што таа го отсликуваше карактерот на Македонија, со учество на огромен број граѓани од сите етнички заедници и религии. Се бореа и христијани, муслимани, Евреи и атеисти. Победата над фашизмот е победа за цела Македонија, и со неа нашата млада Република доби можност рамноправно да застане меѓу слободните нации на Европа и светот.

Денес, кога одбележуваме 70 години од почетокот на овој долг пат, од борбата против фашизмот можеме да црпиме сила и инспирација за продолжување на патот по кој одиме. Македонија се уште не е во целост членка и рамноправен дел на меѓународната заедница. На нас останува да го продолжиме овој пат, според нашето најдобро знаење и сила. Се надевам дека денешниот ден ќе ни помогне да се присетиме на искушенијата кои биле пред нас за полесно да ги совладаме тие што доаѓаат.“- се вели во празничната честитка на претсадарелот на државата.

OhridNews