Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до сите православни христијани во Република Македонија, како и до сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија.

„Дозволете ми на сите верници од православна вероисповед и на сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден“, порачува претседателот Иванов.

„На овој голем христијански празник кога ја славиме победата на животот над смртта се присетуваме дека токму почитувањето на христијанските вредности и верата го зачувуваа  народното битие и македонското духовно наследство. Соживотот и религиското почитување придонесоа за зацврстувањето на меѓуверскиот дијалог во земјава. Наша должност и во иднина е да ја пренесеме пораката за вистината за верата која ја живееме, да ги чуваме и да ги почитуваме традиционалните вредности, да бидеме поцврсти и поединствени, јакнејќи ја солидарноста, праведноста и добрите меѓучовечки односи“, се вели во честитката на Иванов.

„Честитајќи Ви го овој голем христијански празник, Ви посакувам добро здравје, благосостојба и духовен мир. Велигден го празнува животот од кој се раѓаат љубовта и надежта како симболи на победата над смртта. На верниците од православна вероисповед и на верниците на  Евангелско-методистичката црква им посакувам верба во срцата, меѓусебно почитување, разбирање и заемно помагање – вредности кои мора да бидат секојдневно присутни во живеењето на сите граѓани“, порача македонскиот претседател.

OhridNews