Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во својот Кабинет ги прими најдобрите студенти на Универзитетот за информатички науки и технологија „Св. Апостол Павле“ – Охрид.

На средбата се разговараше за низа прашања релевантни за студентскиот живот, при што студентите од охридскиот универзитет пред претседателот Иванов ги изнесоа своите впечатоци од досегашното работење на оваа високообразовна институција, проблемите и предизвиците со кои се соочуваат, и дадоа идеи за подобрување на квалитетот на образованието во информатичката сфера.

Студентите го изразија своето задоволство од наставната програма на овој Универзитет, оценувајќи дека сепак е потребно интензивирање на  практична настава.

Претседателот Иванов им честиташе на студентите за нивниот досегашен постигнат успех, и го изрази своето задоволство од можноста да се сретне со успешни млади луѓе кои се дел од академската елита на нашата држава.

По повод Денот на дрвото, претседателот Иванов заедно со најдобрите студенти од охридскиот универзитет, засадија и дрвца во дворот на претседателскиот Кабинет. Ним им се придружија и дел од спортистите и организаторите на акцијата која е под мотото „Спортски е да се сади”.

OhridNews