Бројни гости ќе присуствуваат на одбележувањето на празникот Богојавление – Водици во Охрид. Присуство до сега најавиле претседателот на македонското Собрание Трајко Велјаноски, министерот за одбрана Зоран Јолевски и претставници на дипломатскиот кор во земјавава. Официјалните делегации ќе бидат водени од обучени волонтери на Црвениот крст кои ќе ги спроведуваат до местата предвидени за следење на верскиот церемонијал.

Од Капетанијата на пристаништата информираат дека се преземени потребните мерки за безбедно одржување на настанот. Влегувањето на бродот од кој ќе се фрла крстот во езерските води, како и на другите бродови од кои ќе се следи настанот, ќе го контролираат вработени од капетанијата, за да нема претовар и да се воспостави правилна рамнотежа на пловните објекти.

Исто така, од капетанијата апелираат до капачите во вода да влегуваат исклучиво во обележаниот простор, за да се одржува ред во организацијата.

Настанот ќе го следат бројни телевизиски екипи од земјава и странство. Во Охрид веќе е пристигната телевизиска екипа од Чешка која ќе снима репортажа за одбележувањето на празникот Водици во Охрид.

OhridNews