Како член на националниот Комитет за соработка со Комитетот на локалните власти на Европската Унија, претседателот на Советот на општина Охрид, Владо Чингоски ќе учествува во работата на Заедничкиот консултативен комитет кој ќе заседава на 30. овој месец во Брисел.

Комитетот на локалните власти на Македонија за соработка со ЕУ е формиран со поддршка на ЗЕЛС (Заедницата на Единиците на Локалната Самоуправа) и Министерството  за локална самоуправа а го сочинуваат 11 членови од кои 8 се од редот на Градоначалниците а 3 од Советите на општините во Македонија.

Тема на работната средба на Заедничкиот консултативен Комитет на ЕУ и Македонија, што ќе се одржи в понеделник, е согледувањето и поддршката во натамошното афирмирање на децентрализацијата и јакнењето на регионалното организирање и локалната самоуправа како власт поблиску до граѓанинот.

Според Чингоски, оваа работна средба е само почеток на еден процес кој ЕУ будно го следи и е заинтересирана за негово реализирање бидејќи допрва претстои целосна имплементација на Европската пракса за локална самоуправа како и имплементација на Европското закондавство сврзано со локалната самоуправа и регионалното поврзување. Во таа насока, според Чингоски, реално е да се очекува дека токму националниот Комитет чиј член е и тој, ќе биде онаа непремостлива карика во идната соработка помеѓу органите на ЕУ и македонските власти околу имплементацијата на ЕУ законодавството во сферата на локалната самоуправа. Со цел да се афирмира Охрид и на овој план, преку ЕУ-Комитетот за локални власти, претседателот на Советот на општината ќе предложи  Охрид да биде домаќин на еден од идните состаноци (најверојатно во септември) на Заедничкиот консултативен Комитет.

ohridnews