Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски ги распиша претседателските избори, закажани за 13 април. Тој изјави дека очекува демократска зрелост и дека изборите треба да поминат во мирна и демократска атмосфера.

„Согласно уставната обврска која ја имам како претседател на Собранието на Република Македонија и согласно роковите утврдени во Изборниот законик, денес го потпишав Решението за распишување на избор за претседател на Република Македонија. Изборот за претседател на Република Македонија се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. Имајќи во предвид дека на 20 април е големиот христијански празник Воскресение Христово, почитувајќи ги чувствата на сите верници од христијанска вероисповед и водејќи сметка тогаш да не биде ниту првиот, ниту вториот круг, одлучив изборот за претседател на Република Македонија да биде на 13 април 2014 година“, изјави Вељаноски.

Решението за распишување на изборот ќе биде доставено до Државната изборна комисија на Република Македонија, како орган за спроведување на изборите, и до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда.

„Влегуваме во изборен процес во кој утврдените правила се прифатени и од едните и од другите, при што очекувам истите да се почитуваат, да покажеме демократска зрелост и во мирна и демократска атмосфера граѓаните да одлучат како што тие сметаат“, порача Вељаноски, апелира до сите учесници најодговорно и најсовесно да се раководат исклучиво по уставните и законските одредби, и уште еднаш на најдостоинствен начин да покажат дека заедничката примарна цел е просперитетот на Македонија.

OhridNews

извор:„Макфакс“