Во организација на Македонската академија на науки и уметности – МАНУ од денеска до 17 септември Охрид ќе биде домаќин на четвртиот состанок на Претседателството на Меѓународниот Славистички Комитет.
Состанокот, меѓу другото, е во функција на подготовките за Светскиот конгрес на славистите што ќе се одржи идната година во Охрид.

Овој конгрес има огромно значење во дадениот културен, но и политички момент, смета академик Ѓурчинов. Според него станува збор за најосетливите проблеми за јазикот, културата, а и за историјата кои ќе се стават на маса и за кои ќе разговараат околу 600 слависти кои веќе го пријавиле своето учество на конгресот. Правиме напори сето тоа да го реализираме на едно високо ниво и да разговараме за отворените прашања достоинствено со аргументи и без обиди за користење на конгресот за некакви пресметки, полемики и непотребни конфликти, додаде Ѓурчинов. „Мислам дека до тоа нема да дојде бидејќи расположението на светската јавност сега е друго, а има начини и места каде ќе се расправа за проблемите, но не на конгресот“, рече академик Ѓурчинов.
Тој најави дека најголем дел од славистите во светот ќе дојдат на конгресот, а тие земји кои како што рече, не сакаат да соработуваат и да дојдат во Охрид нека повелат, но тоа е само на нивна штета.
Единствени со кои досега не е воспоставен контакт се грчките слависти чиј претставник во Меѓународниот Славистички Комитет по преземањето на претседателското место од страна на Македонија од разно разни причини ја бојкотирал работата на ова светско научно тело.

„Овој собир покрај своите програмски содржини, во себе ја носи и симболичната порака за непресушеното течение на славистиката како збиднување и наука која токму оввде на просторите на Девол и Кутмичевица пред повеќе од 1100 години се здобила со вистински вруток на идни сесловенски просветители чии први апостоли биле Светите Климент и Наум“, истакна градоначалникот Петрески. Се чувствуваме почестени, рече Петрески, што токму Охрид го избравте за град домаќин на Светскиот конгрес на слависти и затоа ќе сториме се да ја оправдаме довербата и да биде тоа настан кој долго ќе се памети меѓу дејците и славистите.
Горан Момироски












