По затворањето на фестивалот „Охридско лето“, на просторот на воената касарна каде синоќа беше изведено театарското дело „Ничија земја“, се одигра непопуларна „претстава“ помеѓу актерот Сашко Коцев и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, која непријатно ги изненади присутните.
Наводно незадоволен од одредени случувања околу претставата, лошата поставеност на гледалиштето и доцнењето на дел од официјалните гости, што го пролонгира почетокот на претставата за петнаесеттина минути, актерот Сашко Коцев бурно реагираше по завршувањето на фестивалот, гласно критикувајќи при што имаше и непристојни зборови за институции и официјални лица. Дел од нив беа упатени кон градоначалникот на Охрид Бакрачески информираат од локалната самоуправа, која со соопштение се огласи за немилиот настан кој се претвори во жестока расправија, а присебната реакција на дел од присутните и на полицијата спречи поголем инцидент.
Во соопштението се наведува дека градончачалникот за време на коктелот на свеченото затворање на фестивалот без повод и причина во два наврати бил мета на навреди од страна на актерот, кој тоа го сторил и при заминувањето на општинската делегација од настанот во кругот на касарната при што интервенирало службено лице во обид да спречи физички напад, тврди локалната.
-И покрај тоа што се уште не ни се јасни причините и поводот за ваквото неколкукратно и долготрајно недолично однесување на лицето Сашко Коцев изразуваме жалење за настанатиот инцидент. Се надеваме дека истиот нема да го наруши високото реноме и уметничката вредност на фестивалот кој општина Охрид го има високо позиционирано во својата културна понуда, сестрано поддржувајќи го неколку години наназад. – се вели во официјалниот став на локалната самоуправа за инцидентот, во кој се посочува дека навреди на национална основа биле упатени и кон претседателот на Собранието Џафери по неговото заминување од свечениот коктел. Тој инаку доцнеше на претставата околу 15 минути, а градоначалникот на Охрид 3-4 минути.
Настанот е евидентиран во охридската полиција која извршила разговор со инволиварните во инцидентот, но дали е поднесена официјална пријава засега не се соопштува. Засега нема официјална реакција од акетрот Коцев и неговата матична куќа МНТ.
Од „Охридско лето“ не го коментираат настанот, бидејќи тој се случил по завршувањето на фестивалот на јавен простор.
OhridNews












