Театарот СТРАНИЦА и УНЕСКО клубот,  Младински културен клуб на ФОН Универзитет, утре, во кафе барот Адмирал во Струга со почеток во 14 часот и во Охрид, во 19 часот во Центарот за култура “Григор Прличев” – Охрид. ќе ја прикаже претставата „Без зборови“.

Претставата е краен резултат на проектот “Сплотување на младите преку пантомимата и премостување на јазичните бариери кој започна во Ноември 2011 година и на седум  месечниот тренинг и креативна работа на група на студенти кои ги рушеа јазичните бариери.

Главната причина и иницијатива за реализација на овој проект е развивање на меѓуетничкиот дијалог, рушење на јазичните бариери и стереотипите помеѓу младите луѓе. Поради постоење на најразлични пречки на патот до вистинска комуникација, од различни јазици до различни култури и сфаќања.

– Се решивме да најдеме начин за успешно комуницирање. Да најдеме нешто кое сите ќе го разбираме, да се разбереме преку емоциите, чуствата, звуците и говорот на телото . Нешта кои сите ги разбираме лесно и јасно ги толкуваме, нешта кои не поврзуваат поради фактот што сме човечки суштества, а не припадници на определени групи, велат учесниците во претставата.

Иницијаторот на овој проект е реномираниот Пантомимичар, Трајче Ѓорѓиев и неговиот соработник Дарко Вељик во рамки на  театарот Страница. Студентите се членови на Универзитетскиот УНЕСКО клуб “Младински културен клуб при ФОН Уницерзитет” и проектот е поддржан од , антена канцеларијата на УНЕСКО во Скопје.

За оддржување на оваа претстава во Центарот за култура “Григор Прличев” – Охрид, помогнаа и организациите , “Мултилингвална и мултикултурна хармонија”, “Македонска мисија за хуманост”, “Ротарак клуб” – Охрид.

Претставата, освен во Струга и Охрид,  ќе има можност да ја види публиката и во неколку други градови низ земјава.

OhridNews