Новоформираниот професионален Охридски театар, во петок, со почеток во 20 часот, во Центарот за култура Григор Прличев, ќе ја прикаже својата прва претстава ” Метаморфози” во режија на Андреј Цветановски.

Претставата е работена по “Метаморфози” на Овидиј, а во адаптација на Дарко Јан Спасов. Сценографијата е на Владимир Ѓорески-Рафик, костимите на Кристина Мукоска Затуровска. Во неа играат: Горан Стојаноски, Јасмина Билаловиќ, Ивица Цонев, Никола Тодороски, Билјана Билаловиќ, Стрезо Стаматовски, Адријана Билаловиќ и Македонка Илиевска.


– Голема чест ми е да работам на првата претстава на Охридскиот театар со оваа екипа, која е составена од големи ентузијасти со кои во краток период успеавме заедно да ја создадеме приказната на претставата која е постмодерно гледање на античките митови, односно античка комедија со постмодерен горчлив вкус. Таа е забавна, но сепак нема да остане само на забава, бидејќи основната функција на театарот не е само да забавува, туку и да едуцира. Театарот не го прави објектот, туку луѓето во него, нивната живост, енергија и ентузијазам, истакна режисерот Цветановски.

Членовите од актерската екипа со пофални зборови за соработката со режисерот Цветановски.

– Андреј има 22 години, а неговата мудрост и зрелост јас ги доживеав како од 50 годишен мудрец. Начинот на кој работи со нас е прекрасен- нема  напорни проби, туку се е оставено на меѓусебното разбирање и на добриот дијалог, вели актерот Ивица Цонев.


Премиерата на Метаморфози всушност го означува официјалниот старт на Охридскиот професионален театар.

– Го означува почетокот на една нова фаза во развојот на култура, го одбележува почетокот на еден нов живот на градот и го дава импулсот за понатамошен развој на театарот, истакна на денешната прес конференција, раководителот на Охридскиот театар, Горан Стојаноски.

Поради големиот интерес претставата ќе се прикажува и претпремиерно, утре, со почеток во 20 часот. Билети можат да се набават секој ден од 16 часот. Парите собрани од првите две претстави ќе бидат донирани во хуманитарни цели.

Т. Кувенџиска