Станува збор за современа приказна за една вечна македонска тема – македонското печалбарство. Дејството се одвива на аеродромот во Франкфурт, каде поради лошите временски услови, се среќаваат двајца случајни патници- едниот чекајќи го својот лет кон родната земја Македонија во која се враќа по долгото живеење како иселеник во странска земја , а другиот исполнет со очекувања, го чека својот лет кон земјата која ќе биде неговиот нов дом.
Како што велат авторите на претставата, претставата „Ни ваму, ни таму“ претсавува еден поинаков, посвеж и многу подуховит осврт на проблемот – да се оди НАДВОР или да се врати ДОМА?
– Сакавме преку реплики , на моменти комични, да го прикажеме емотивниот прелом по соголената животна вистина на двајцата соговорници, откривајќи дека многу често не е се онака како што изгледа на прв поглед, дека надвор од Македонија не тече мед и млеко, вели актерот Симеон Дамевски.
Идејата за создавањето на претставата потекнала од официјалните податоци од Државниот завод за статистика, според кои во 2009 година за прв пат во Македонија бројот на македонски иселеници кои се враќаат во земјава бил еднаков на оние кои заминуваат.
– Гледаност на претстава може да се постигне ако таа е одраз на времето и состојбата во која се наоѓа публиката. Со децении во Македонија се правеа претстави полни со метафори и симболика, од кои публиката излегуваше збунета, без притоа да се навлезе во суштинските проблеми кои го мачат гледачот. Ние го опфативме овој дел од животот кој е многу важен сегмент од живеењето- кога на луѓето им се чини дека треба да бидат некаде на друго место, некаде каде е подобро. Прашањето е дали тие превзеле се за овде да им биде добро, потенцира Тодоровски.
Во претставата играат: Симеон Дамевски, Љупчо Тодоровски-Упа, Стрезо Стаматовски и Никола Кумев.
Пред премиерата ќе се одржи на 4- ти ноември (петок), а премиераната изведба на претставата ќе биде во сабота, 5- ти ноември во малата сала на Центарот за култура. Почетокот на претставите ќе биде во 20 часот.