По вечерашното свечено отварање на фестивалот „Охридско лето“ со настапот на познатиот сопран Елена Мошук од Романија, театарскиот дел од фестивалот ќе биде отворен утревечер со претставата „Стаклена менажерија“ во изведба на актерите од охридскиот Народен театар.
Претставата од Тенеси Вилијамс е во режија на Софија Ристевска–Петрушева, а улогите ги толкуваат Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Адријана Билаловиќ -Тодороска, Филип Кипровски.
Претставата Стаклена менаџерија премиерно беше изведена на 3-ти јуни.
„Стаклена менажерија“ која премиерно беше изведена на 3-ти јуни, е претстава за комплексите, несигурноста и суровоста на современиот човек, кој сосема ја загубил солидарноста и сочувството кон послабиот. Во ова време на либерален капитализам, хуманоста полека исчезнува. Стаклена менажерија е емоционално патување низ комплексноста на семејните односи. Претставата е болен крик за големата неспособност на човекот да љуби, вели режисерката Ристевска. Тоа е претстава која треба да поттикне размислување за статусот на послабите во општеството во кое живееме денес.
Во рамки на фестивалот претставата ќе биде изведена утревечер во 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“.
OhridNews













