Истакнатиот македонски поет, академик Радован Павловски, не само што е синоним и достоинство на македонското поетско пеење, туку тој стои рамо до рамо со најистакнатите поетски имиња во Европа и светот – истакна на соноќешното претставување на поетскиот портрет на академик Павловски, академик Луан Старова.
– Радован Павловски е застапен во најреномираните интернационални поетски енциклопедии.Неговите песни се објавуваат во сите европски поетски антологии, за него пишуваат блескави есеи врвните европски критичари, тој се вбројува во редот на носителот на Златниот венец на СВП, Ежен Гилвик- потецираше Луан Старова.
Академик Старова оценува дека творештвото на Павловски е колку македонска, толку и европска и светска културна своина. Тој покажа како низ поезијата најубаво се брани својот мајчин, односно кодифицираниот литературен македонски јазик, јазик разбирлив, ослободен од идеолошки наслаги. Радован со својот јазик носи голема мисија со себе, нешто слично како италијанските автори со јазикот на Тоскана,основата на денешниот кодифициран италијански јазик.
Пред присутните акдемици, поети, културни работници, зборуваше и поетот Павловски, кој потенцира дека имагинацијата е оружје на слободата.
– Душата си ја венчав со долгите патишта. Почнав да студирам право, ама хемијата и магијата на зборот доагаат и преку правото, во мојов случај – римското право. Потоа дипломиорав литература, не беше десетка, ама беше деветка, зашто на професорите им кажав дека “Дон Кихот”, може да биде напишан само во Шпанија, како што “Хамлет” може да биде напишан во Англија, како што, во словенскиот свет, во Русија, може да биде ннапишан “Облоков” на Кончаров, за сета облосовштина на нашиот свет. Секоја песна си има свој роден крај, јас во животот не сум бил ниту уредник, ниту член на жири, ама знам дека во мене и со мене живее житието на мојот народ – потенцираше Павловски.
Промоцијата се одржа во Куќата на Уранија-МАНУ, во Охрид, во рамките на “Научната и уметничка визита”.
До крајот на “Визитата”, остануваат уште две манифестации. На 24 август ќе има поетско читање во рамки на СВП, а на последниот ден од манифестацијата (27 август) ќе биде промовиран зборникот „За и од Киро Глигоров“ по повод 25-годишнината од приемот на Република Македонија во Обединетите нации.












