Претставници од германската КФВ банка, која го кредитираше проектот за изградба на Колекторскиот систем за одведување и прочистување на отпадните води во охридско и струшко, пристигнаа во Охрид за да се информираат како функционира проектот.



Како што истакнаа од КФВ банката на средбата која ја остварија со градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески, претставниците на јавните претпријатија, МЈП Проаква, Хидробиолошкиот завод, Заводот за јавно здравје, и Одделението за заштита на животната средина при Локалната самоуправа, по подолго време доаѓаат во Охрид за да се информираат за работењето на колекторскиот систем и одведувањето на отпадните води.

– Сакаме да добиеме податоци од надлежните околу функционирањето на системот досега, за идните планови кои ќе се превземаат поврзани со овој проект, за новите населби кои се приклучуваат на колекторскиот систем, како и за јавното здравје и  заштитата на животната средина, изјавија на средбата од КФВ банката.


     
Како што тие беа информирани од страна на Раководителот на колекторскиот систем, Вајт Ајро, системот за одведување на отпадни води се наоѓа во одлична состојба.

– Ова го говорам од аспект на функционирањето на пумпните станици, кои во текот на минатата и оваа година  беа обновени  со нови мотори, проект кој се реализира  со помош на швајцарската влада. Останува уште станиците да се доопремат, односно да се постави GPS систем за управување, кое би се вршело автоматски, со минимална употреба на човечки кадри, рече Ајро.


Од страна на стручните лица од Хидробиолошкиот завод, претставниците од КФВ банката беа запознаени и во врска со моменталната состојба на водата во Охридското езеро и состојбата со реките- загадувачи.

–    Нема промени во однос на санацијата на загадувачите на езерото, а тоа се неколкуте реки кои се влеваат во езерото. Постојат иницијативи за пренасочување на овие реки со цел да се реши проблемот, но според мене тоа не е вистинското  решение за да се запре загадувањето. Сите реки кај изворите се чисти, се загадуваат минувајќи низ градските и селските населби преку испуштањето на отпадни води и механички загадувања во нив, што потоа предизвикува негативни последици врз врз живиот свет во реките, но и езерото во кое се влеваат, потенцира д- р Ленче Локоска од Хидробиолошкиот институт .

Извештајот кој претставниците од КФВ банката ќе го подготват по завршувањето на престојт во Охрид ќе биде испратен до менаџерскиот тим на банката и до надлежното министерство во Германија.

OhridNews