Претставници од охридската локална самоуправа, деновиве се  во посета на Јалова- Турција каде  се одржува Голем  Балкански собир на збратимените градови со овој туристички центар на Мраморното Море.

Повеќе од 600 гости од Будва, Травник, Нови Пазар, Охрид, Батуми, Бургас, Смолјан  и Констанца, со различни содржини ќе ја одбележат 100 годишнината од завршувањето на Балканските војни.


На собирот е предвидено  збратимените градови  да ги презентираат своите капацитети и можности за соработка во економската, културната и секоја сфера од живеењето која би била од взаемен интерес.


Како претставници од Охрид се претседателот на Советот, Душко Јаковчески и раководителот на ТЛЕР Гоце Симоноски, кои на собирот имаа можност да зборуваат за практиките кои Општина Охрид преку програмата СУСТЦУЛТ, ги спроведува во заштитата на културно историското наследство. Во забавниот дел од собирот,  учествува и  КУД “Илинден“ заедно со уште 7 фолклорни групи од збратимените градови кои, секоја вечер со своите концертни настапи ги забавуваат гостите во Јалова.


Собирот ќе заврши со изработка на заеднички мултимедијален двојазичен билтен, кој ќе претставува основа за воспоставување на Балканска социјална мрежа на збратимените градови.

OhridNews