Во Амбулантата за болести на дебело црево и завршниот дел на дебелото црево, која во рамки на Хируршкото одделение при Општата болница функционира од 2000 година, годишно од 100 до 120 извршени прегледи, кај 10 до 12% од нив се откриваат карциноми на дебелото црево, бројки што воопшто не се за потценување, вели д- р Диел Аголи, специјалист хирург во Хируршкото одделение.
– Охрид е првиот град во Македонија кој отвори специјализирана Амбуланта за болести на дебело црево и завршниот дел на дебелото црево. Со оглед на тоа што на едно место се вршат сите потребни прегледи и анализи, за многу кратко време од 24 часа се добива дијагнозата. Со тоа се овозможува и поголемо преживување на пациентите кај кои е откриено ова заболување, односно кај повеќе од 65% од навреме откриените случаи, вели д- р Аголи.
Како што тој потенцира, за рано откривање на ова заболување од големо значење се превентивните прегледи кои кај луѓето со навршени 50 години се препорачуваат да се вршат еднаш во годината.
– Иако не осеќаат било какви тегоби, со цел рано откривање на заболувањето се препорачува еднаш годишно кај популацијата на возраст над 50 години да се врши преглед. Станува збор за метода која се повеќе се користи и во светот- обична анализа на измет преку откривање на скриена крв во изметот, која не се гледа со голо око, а која може да ја има во трагови, објаснува д- р Аголи.
Како ризик фактори кои доведуваат до карцином на дебелото црево во најголем број случаи се генетските фактори, како и цигарите и алкохолот кои произведуваат вишок на секреција на жолчни бои кои се токсична материја која во дебелото црево придонесува за појава на промена на природата на клетките на слузницата на дебелото црево. Луѓето со успорено празнење на цревата, како и оние кај кои е извршен хируршки зафат на жолчната кеса исто така спаѓаат во ризичната група. За да се намали ризикот од ова заболување се препорачува се поретко користење на брзата храна, а повеќе вклучување на овошјето и зеленчукот во секојдневната исхрана, затоа што тие придонесуваат за нормално празнење на дебелото црево, со што шансите за заболување се помали.
Раното откривање и превенцијата на карциномот на дебелото беше тема на едукативното предавање кое во организација на Лајанс клубот „Лихнидос“ се одржа вчера, а на кое предавање оддржа Д-р Диел Аголи.
На предавањето присуствуваа членовите на женскиот актив при Здружението на пензионери на Охрид и Дебрца.