Во првите девет месеци оваа година, во однос истиот период лани, во Охрид се извршени 253 кривични дела, што значи намалување за околу 30 проценти. Намалувањето на кривичните дела, е резултат на зголемената координација и професионалност на полициските службеници – ова меѓу другото беше истакнато на вчерашната дебата на тема „Повторниците во криминалитетот и нивна ресоцијализација“, одржана во Охрид.
Според портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски, “Бројката на кривичните дела во однос на минатата година е драстично намалена. Најголемиот број на извршени кривични дела се тешките кражби, и тоа најчесто во текот на туристичката сезона, кога градот е полн со туристи, од странство и Македонија“.
Меѓутоа, според податоците на СВР Охрид, со кои се опфатени четирите града на Секторот за внатрешни работи – Охрид, Струга, Дебар и Кичево – во изминатите девет месеци, од вкупниот број извршители на кривични дела, 134 се повторници во криминалот. Тие извршиле повеќе од половина кривични дела, односно тешки кражби. Податоците зборуваат дека и во период од 2001 – 2011, се бележи зголемување од дури 40 проценти на повратниците во криминалитетот.
-И на дебатата одржана деновиве во Охрид, беше укажано на овој проблем, што значи дека не се вложува доволно во ресоцијализацијата на овие лица – повратници во криминалот. Ова налага, создавање на национална стратегија, за решавање на овие проблеми. „Се настојува да се отвори центар, каде ќе се слеваат сите податоци за лицата кои извршуваат кривични дела, односно, да се делува превентивно и се оствари поширока соработка на полицијата со центрите за социјална работа, казнено-поправните установи, како и со невладините организации. Посебно внимание ќе се посветува на вработувањето на лицата, кои веќе извршиле кривични дела и нивно побезболно вклопување во општеството – изјави Димовски додавајќи дека сето тоа ќе придонесе не само во афирмацијата на институциите кои се борат против криминалот, туку пред се во зголемувањето на безбедноста во заедницата.
Инаку, на дебатата, покрај претставниците на Секторот за внатрешни работи Охрид, учестуваа и претставници на судовите и јавните обвинителства, судии за извршување санкции, претставници на казнено-поправните установи, како и социјалните работници и претставниците на ОБСЕ во Македонија.